Дома За нас Физичка струк. на болницата Контакт Мапа на сајтот
Патологија
Лекарски колегиум
Телемедицина
Презентации
Меѓунар. соработка
Мултимедиа
ЛЕКУВАЊЕ НА ПАРАПЛЕГИИ
  Во денешно време, кога бројот на повредените е во пораст, повредите на 'рбетот и 'рбетниот мозок заземаат значајно место. Причина за тоа, како и воопшто причините за повредите, лежат во современото темпо на животот, порастот на механизацијата и индустријализацијата, а посебно во брзиот развој на сообраќајот.
После секоја повреда на 'рбетот и 'рбетниот мозок, доаѓа до нервно оштетување и на мочниот меур. Според висината и големината на повредата, се јавува различно пореметување во мочниот меур.
Нервно оштетениот мочен меур, односно, неврогената дисфункција на мочниот меур е морфолошка база од која произлегуваат сите уринарни компликации. Недоволното празнење на мочниот меур и присутната мочка (резидиум) е погодна средина за развој на инфекција, а неспособноста на мочниот меур да се контрахира води кон негово оштетување (дилатација). Тоа се пренесува и на мочоводите (уретерите) и води до враќање на мочката во бубрезите (рефлукс). Добар невроген мочен меур во функционална смисла кај параплегичарот е единствената граница за чување на функцијата на горните мочни патишта.
Согледувајќи ја сериозноста на овој проблем, вработените на Болницата во 1980 година отворија Центар за параплегичари за комплетно згрижување на овие болни. Во овој Центар се лекуваат болни со параплегија со неподвижни долни екстремитети. Скршениците на 'рбетот се оперативно лекувани со цел да се стабилизира 'рбетот за да може болниот да се оспособи да седи во количка и да не биде зависен од друго лице.
Со формирањето на овој Центар за параплегичари, Р Македонија се здоби со една здравствена установа која комплетно им пружа помош и лекување на параплегичарите, на бол ните со повреда на 'рбетот и 'рбетниот мозок.
Во овој тим учествуваат: ортопед, уролог, неврохирург, хирург пластичар, анестезиолог, физијатар, невролог, интернист, трансфузиолог, биохемичар, рендгенолог, физиотерапевти, медицински сестри, болничари и др. помошен персонал.
 
 
    Нега на параплегичарите
  Лекување на декубитуси
  Методи на празнење на мочниот меур
  Презентација на дел од работата на Центарот за параплегија
 
 
  Нега на параплегичарите  
  Тимот кој работи со параплегичарите посебно внимание посветува на нивната нега. Планот на негата мора да биде поврзан и во склад со општите цели на рехабилитацијата на параплегичарите. Според тоа, негата кон параплегичарите учествува претежно или делумно во решавање на следните проблеми:  
  - медицински третман на заболувањето или повредата што довела до параплегија
- адаптирање на параплегичарот на инвалидитет
- превенција и терапија на контрактурите, деформитетите и декубитусите
- регулирање на празнењето на мочниот меур и на цревата
- превенција и терапија на усринарна инфекција и калкулоза
- обезбедување хигиенски санитарни и други услови за одржување на добрата состојба на здравјето на параплегичарот
- спроведување соодветни мерки за стекнување што побрза и поголема мобилност на параплегичарот со користење на адекватни помагала (количка, патерици, апарати за одење итн.
- обучување на параплегичарот за самозгрижување, т.е. осамостојување за секојдневни животни активности
- подготовка на семејството за прифаќање на параплегичарот по излегувањето од болницата
- соработка со соодветни членови на тимот за создавање на работни навики и истрајност во работата поради постигнување професионална ориентација на параплегичарот итн.
  Лекување на декубитуси  
  Спречувањето, односно лекувањето на декубитусите е постојан проблем во рехабилитацијата на параплегичарот, бидејќи постои опасност од појава на декубитус (која болест во првите 6 до 8 месеци е најголема) и постои практично низ целиот негов живот и покрај релативната адаптација на кожата на променливите услови.
Успехот на настојувањата и мерките што се преземаат во болницата поради спречување, односно лекување на декубитусите зависи од точно поставениот и доследно спроведениот план на нега, кој се заснова на совесно и точно собирање на податоци за формата и степенот на оштетувањето, како и за формата, обемот и траењето на постојните компликации. Поради тоа, проблемот на декубитус е специфична и комплицирана задача во рамките на општиот план за рехабилитација.
Основните задачи во Болницата на негата за спречување, односно лекување на декубитусите се следни:
 
  • одржување на чисто тело и јакнење отпорноста на телото;
• редовен преглед на кожата, посебно на парализираните делови од телото;
• отстранување на локалните и општите услови и причини што доведуваат до
декубитус или други патолошки промени на кожата;
• потпомогнување со локални и општи средства за санација на декубитусот и
другите патолошки промени на кожата.
Од превентивни мерки се преземаат:
• одржување на личната хигиена на пациентите и нега на кожата;
• јакнење на отпорноста на кожата;
• заштита на проминирачките места;
• спречување на мацерација и инфекција на кожата;
• подобрување на циркулацијата на крвта;
• пасивни и активни вежби и адекватна состојба в постела и што побрзо одвојување на пациентот од
постелата.
 
  Лекувањето на декубитусите се спроведува со соодветни постапки на нега, медицинско технички процедури и терапевтски постапки на адекватен начин, што зависи од локализацијата, бројот, големината и состојбата на раната на декубитусот. Лекувањето се врши по следните постапки:  
  • секојдневна обработка на декубитусната рана, т.е. преврски и апликации на соодветни терапевтски средства;
• освежување на ивиците на декубитусната рана;
• дренажа на џепови и длабоки декубитуси;
• вадење на некротичната маса од декубитусот;
• хируршка пласгика на декубитусната рана;
• адекватна положба на пациентот в постела, која не смее да пречи при лекувањето на декубитусната рана;
• пасивни и активни вежби в постела и што побрзо оспособување на пациентот да се исправи на нозе;
• јакнење на одбранбените сили ивиталноста на пациентот, т. е. одржување на добра општа состојба на здравјето;
• избегнување физички напори што гоисцрпуваат пациентот.
  Методи на празнење на мочниот меур  
  Во проблемот на рехабилитацијата на болните со повреда на 'рбетниот мозок значајно место зазема воспоставувањето функцијата на мочниот меур, на долниот уринарен тракт. Основните методи на дренажа на мочката при задршка на мокрењето кај болните со повреда на 'рбетот обезбедуваат салдо пасивен истек, создавајќи услови за тешки компликации.

Една од методите на дренажа на мочниот меур што се применува во нашиот Центар е интермитентната стерилна катетеризација со нонтач-техника по методата на Гутман. Оваа техника бара интензивна нега на докторите и добра обученост на помошниот персонал, ја спречува инфекцијата, но таа сепак е присутна.
Празнењето на мочниот меур по Кредеовата постапка и "тригер"-механизмот не даваше добри резултати поради присутниот рестурин (мочка што останува) и можност за уроинфекција, како и поради зависност од помошен персонал.

Блокадата на пудендалните нерви просле дена во 50% до 60% со импотенција ја дискредитира оваа процедура, а сакралната неуротомија и ризотомија го решава секогаш проблемот на празнењето на мочниот меур, што е најважно за комплетното мочање.

Хируршкото лекување, како и трансуретралната ресекција на вратот на мочниот меур и сфинктеротомијата на надворешниот сфинктер на уретрата не ветуваат многу, болните ги прави комплетно инконтинентни (постојано се водени).

Хируршкото решавање со врзување на мочоводите во црево е релативно контраиндицирано поради лошата контрола на функцијата на цревата, односно на анусот кај овие болни.

Незадоволни од дотогашното лекување на болните со неврогена дисфункција на долниот уринарен тракт, а темелејќи се на својството на импулсниот тек да имитира ефекти на нервни импулси и да ги става во движење нервното и мускулното ткиво, се обидовме да воведеме нова метода, односно, електростимулација, испитувајќи во кои елементи и поединости тоа лекување е над дотогашните. За таа цел, се воспостави контакт со сесојузниот центар за повреди на 'рбетниот мозок при Институтот „Бурденко" во Москва за комплетно решавање на ваквите болни (параплегичари).

Во Република Македонија за првпат во нашата Болница е имплантиран стимулатор во мочниот меур во 1987 година со првични добри резултати, со комплетно празнење на мочниот меур и негова балансирана функција. Три години подоцна дојде до кинење на жиците и излегување на приемникот низ абдоминалната фасциjа низ кожата, со некомплетно празнење, со појава на резидуална мочка.

Во периодот од 1980 до 1990 година во Центарот за параплегичари се лекуваа 217 пациенти, комплетно анализирани, при што се утврди метода со најдобри резултати и најмали компликации во лекувањето на неврогената дисфункција на долниот уринарен тракт кај параплегичарите. Тоа беше методата на интермитентната чиста самокатетеризација, т.е. болниот сам го поставува катетерот. Со тоа рехабилитацијата на уринарниот тракт значително се скрати и не претставуваше повеќе фактор што го одредуваше траењето на хоспитализацијата на параплегичарите. Со оваа метода се избегнуваат постојаните и дефинитивни катетери. Има предност над стерилната интермитентна катетеризација зашто не ангажира ниту време ниту персонал, се намалуваат уринарните компликации, а се скратува и хоспитализацијата.

Дизајнирано од Ентер Доо, Охрид